Средба со Амбасадорот на Суверениот Ред на Малта, Н.Е. Франческо Саверио Џусти
Министерот Салиу оствари работна средба со Амбасадорот на Суверениот Ред на Малта, Н.Е. Франческо Саверио Џусти, на која беа разгледани можностите за продлабочување на меѓусебната соработка во насока на поддршка на ромската заедница во Република Северна Македонија.
Во тој контекст, направен е осврт на веќе реализираните активности, при што како позитивен пример беше издвоена донацијата на дигитална табла за средното училиште „Шаип Јусуф“, која претставува значаен придонес во унапредувањето на условите за образование.
Разговорот беше насочен и кон можностите за иницирање на нови заеднички активности, со посебен акцент на поддршката за младите Роми во областа на образованието и спортот. Амбасадорот ја изрази подготвеноста на Суверениот Ред на Малта да го поддржи формирањето на фудбалски тим за деца Роми од општина Шуто Оризари, со што би се овозможила соодветна логистичка и стручна поддршка, вклучително и ангажирање тренер, обезбедување спортска опрема и создавање услови за редовни тренинзи.
„Убеден сум дека ваквата иницијатива, покрај тоа што ќе поттикне активен и здрав начин на живот, ќе придонесе и за развој на вредности како што се тимска работа, дисциплина и инклузивност кај младите припадници на ромската заедница.“ - вели Салиу
Исто така, добиена е донација од два компјутери и принтер за потребите на Кабинетот на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, д-р Шабан Салиу.
